Иако Германија ветува стабилност, работа и еднакви можности, голем број мигранти сведочат дека се чувствуваат исклучени и неприфатени во општеството, па сѐ повеќе од нив размислуваат да заминат. Ова го покажува и новата студија на Институтот за истражување на пазарот на трудот (IAB), според која секој четврти мигрант планира да ја напушти Германија.
Инженерот Јанис Н. се вратил во Грција по 16 години живот во Германија, каде, и покрај трудот и успесите, се чувствувал како „странски елемент“. Истото го доживеале и други образовани и добро интегрирани мигранти. Турчинот Утку Сен, експерт за сајбер-безбедност, се преселил во Лондон по чувство на „невидливост“ во германското секојдневие. Бугарката Калина Великова, иако совршено го зборувала јазикот, вели дека никогаш не била прифатена како рамноправна. Слична е ситуацијата денес и со македонските граѓани во Германија.
И покрај добрата економија и социјалниот систем, проблемите со интеграцијата, бирократијата, високите даноци и перцепираниот расизам ги туркаат луѓето да бараат живот на друго место. Според експертите, Германија се соочува со сериозен предизвик – да ја одржи отвореноста кон мигрантите, без да создаде тензија кај домашното население.
Истражувањата и сведоштвата покажуваат дека проблемот не е само во политиките, туку и во општествениот менталитет, кој често не ги препознава мигрантите како еднакви членови на заедницата.
Во услови кога десничарските партии добиваат поддршка, а социјалните разлики растат, многумина велат дека Германија треба не само политички, туку културолошки да се трансформира, за да остане атрактивна и фер дестинација за оние што го бараат својот нов дом.
![]()

