Европа ја зема одбраната во свои раце: Се гради нуклеарен чадор

Во сенка на неизвесната американска поддршка, Париз и Лондон се приближуваат до историска безбедносна соработка за заштита на цела Европа.

Франција и Обединетото Кралство, единствените европски држави со сопствени нуклеарни арсенали, оваа недела направија голем чекор кон заедничка одбранбена стратегија. Двете земји најавија формирање на заеднички тим за координирање на потенцијален нуклеарен одговор во случај на надворешна закана за Европа, пренесуваат странските медиуми.

Овој потег се толкува како прв сигнал за изградба на европска одбранбена автономија, особено откако враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа внесе несигурност во безусловната американска поддршка за НАТО и безбедноста на Европа.

Иако нема официјална обврска дека француско-британските нуклеарни сили ќе бидат ставени во функција на одбраната на целиот континент, овој договор е прв ваков чекор по децении. Франција и Британија заедно поседуваат 515 нуклеарни боеви глави, што е далеку помалку од арсеналите на САД и Русија, но доволно за да послужат како силно средство за одговор.

Историски гледано, Европа беше под заштита на американскиот „нуклеарен чадор“, што ѝ овозможи да инвестира во социјални системи наместо во воена индустрија. Но денес, 80 години по Втората светска војна, тоа сценарио станува сѐ понеодржливо. Иако НАТО неодамна се обврза да го зголеми буџетот за одбрана до 5% од БДП до 2035 година, стравувањата од фокусирање на САД кон Азија и Пацифик се зголемуваат.

Францускиот претседател Емануел Макрон со години се залага за европска одбранбена независност, додека Британија, и покрај својот арсенал, и натаму е стратешки поврзана со американската инфраструктура.

Иако детали од договорот сè уште не се објавени, двете земји порачаа дека „нема закана по Европа на која нема заеднички да одговорат“.

Loading