Нов дипломатски обид: Украина и Русија на преговарачка маса во Турција

Ново поглавје во дипломатските напори за прекин на војната во Украина се очекува оваа среда, кога Киев и Москва повторно ќе се сретнат во Турција на директни мировни преговори. Информацијата ја потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видеообраќање, повикувајќи се на секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност, Рустем Умеров.

„Денес разговарав со Умеров за подготовките за размена на заробеници и за новата средба со руската страна“, изјави Зеленски, додавајќи дека средбата е закажана за среда, а повеќе детали ќе бидат објавени наскоро.

Умеров, кој претходно беше министер за одбрана, ги водеше и мајските и јунските рунди на директни преговори со Москва во Истанбул, што доведоа до неколку успешни размени на заробеници, но не и до суштински напредок околу прекин на огнот. Според рускиот претседател Владимир Путин, нацрт-договорите што двете страни ги размениле на 2 јуни биле „целосно спротивставени“.

Во меѓувреме, руските сили продолжуваат со офанзиви во источна и југоисточна Украина, заземајќи делови од регионите Доњецк и Дњипропетровск, додека воздушните напади врз цивилната инфраструктура не запираат.

Турција, која беше домаќин и на претходни средби, изрази подготвеност повторно да обезбеди дипломатски терен за разговори. Но, успехот на новата рунда, како што порача портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, ќе зависи од неколку фактори: „Сè ќе зависи од ставот на Киев, од ефективноста на посредувањето од страна на САД, како и од развојот на настаните на теренот.“

Иако американскиот претседател Доналд Трамп најави уште во кампањата дека може да стави крај на војната „во еден ден“, пет месеци по инаугурацијата тој сè уште се обидува да ги приближи страните кон прекин на огнот. Во последното обраќање изјави дека верува „дека нешто ќе се случи“ во наредниот период, без да наведе детали.

Главните пречки за воспоставување договор остануваат – Русија бара територијални отстапки, барања што Киев категорично ги отфрла.

Loading