Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека компанијата на Илон Маск, SpaceX, веќе нема да биде дел од мегапроектот за ракетна одбрана наречен „Златна купола“, вреден 175 милијарди долари. Наместо тоа, администрацијата ќе бара други технолошки партнери за развој на амбициозниот систем за одбрана од ракети и дронови, и од земја и од вселената.
„Избравме дизајн. Ќе биде најнапредниот одбранбен систем во светот и ќе ја заштити Америка како никогаш досега“, изјави Трамп на прес-конференција на Флорида, додавајќи дека проектот треба да биде функционален до јануари 2029 година.
Проектот ќе го води генерал Мајкл Гетлајн од американските Вселенски сили, а како можни локации за распоредување на системот се спомнуваат Аљаска, Флорида, Џорџија и Индијана. Канада би можела да биде вклучена како партнерска држава.
Иако првично се очекуваше SpaceX да ја предводи вселенската компонента заедно со Palantir и Anduril, одлуката да се тргне Маск од проектот доаѓа во време на затегнати односи меѓу него и Белата куќа.
Проектот „Златна купола“ веќе предизвикува загриженост кај Русија и Кина, кои го гледаат како чекор кон понатамошно освојување на вселената.
![]()

