„Ова не е Европа!”: Големи протести во Киев поради контроверзниот антикорупциски закон на Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го потпиша новиот закон кој, според критичарите, ја нарушува независноста на клучните антикорупциски институции. Одлуката предизвика најмасовни протести во земјата од почетокот на руската инвазија.

Законот овозможува Канцеларијата на државниот обвинител да преземе контрола врз Националното антикорупциско биро (НАБУ) и Специјалната антикорупциска обвинителска служба (САПО), што, според многумина, е удар врз десетгодишната борба против корупцијата.

„Избравме Европа, не автократија“, пишува на транспарентите на демонстрантите кои излегоа на улиците на Киев, како и во Лавов, Днипро и Одеса.

Зеленски пак, тврди дека институциите остануваат активни, но мора да се „исчистат од руски влијанија“.

Претходно, украинските безбедносни служби спроведоа рации во НАБУ, со цел наводно откривање руски шпиони, потег што го разлути Западот.

Европската унија, чие финансирање е условено со транспарентност и владеење на правото, изрази сериозна загриженост. „Ова е чекор назад за Украина“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Иако Украина се надева на приклучување кон ЕУ, нејзините најблиски сојузници предупредуваат дека уривањето на независноста на антикорупциските тела може да ја поткопа таа цел, токму во момент кога земјата се соочува со најголемиот воен предизвик од почетокот на конфликтот.

Loading