Меѓу жртвите има 11 цивили, затворени се сите гранични премини, пренесуваат странските медиуми.
Во жестоките вооружени судири кои избувнаа утрово на границата меѓу Тајланд и Камбоџа, загинале најмалку 12 лица, од кои една жртва е тајландски војник, а останатите 11 се цивили, потврди тајландскиот министер за здравство Сомсак Тепсутин. Тајландските власти тврдат дека камбоџанските сили отвориле оган врз спорна зона долж границата, и притоа нападнале болница, што, според Бангкок, може да се квалификува како воен злостор.
Кој го почна судирот? Двете страни со спротивставени тврдења
И Тајланд и Камбоџа ја потврдија ескалацијата, но секој ја обвинува другата страна за започнување на отворање огнот. Судирите се случиле во близина на античкиот храм Та Моан Том, во спорна област оддалечена околу 360 километри од Бангкок.
Дополнително, Тајланд ги обвини камбоџанските сили дека поставиле нови нагазни мини во реонот. Камбоџа категорично го негира тоа и ги нарекува обвиненијата „неосновани и политички мотивирани“.
Судири на повеќе локации, блокирани гранични премини
Според извештаите на странските медиуми, судирите биле забележани на најмалку шест различни локации долж границата. Како одговор, тајландската армија ги затвори сите гранични премини кон Камбоџа, наведувајќи го тоа како привремена мерка за заштита на цивилите и војниците во регионот.
![]()

