Паника во Денвер: Авион се запали за време на полетување, патниците евакуирани преку тобогани (Видео)

Авион на Американ ерленс мораше итно да биде евакуиран на меѓународниот аеродром во Денвер (САД), откако се запали при обид да полета кон Мајами. Инцидентот се случил со летот 3023, на кој се наоѓале 173 патници и шест членови на екипажот.

„Лет 3023, имате густ чад“, му јавила контролата на летање на пилотот, а само неколку моменти подоцна, во паника додале: „Вие всушност горите“.

На снимки објавени на социјалните мрежи може да се види како од патничкиот авион Боинг 737 MAX 8 избувнува пламен, додека патниците панично се спуштаат по тобоганите за итна евакуација.

Според информации од аеродромските служби во Денвер, една личност е пренесена во болница поради повреди или стрес, но засега нема извештаи за потешко повредени.

Портпаролот на авиокомпанијата  потврди дека дошло до „механички проблем со тркалата на авионот, кој довел до пожар“. Ова не е прв ваков инцидент за компанијата, слична ситуација со нивен авион на истата писта се случило и на 13 март оваа година.

Останува да се утврди дали серијата дефекти е резултат на неисправна опрема или на други пропусти во одржувањето. Американските воздухопловни власти започнаа истрага.

Loading