Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека остварил телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, откако специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, ја посети Москва.
„Токму на пат од нашите бригади во регионот Суми разговарав со претседателот Трамп. Овој разговор следеше по посетата на неговиот претставник во Москва“, објави Зеленски на социјалните мрежи, според украинската новинска агенција Укринформ.
Зеленски истакна дека Украина и нејзините партнери го делат истиот став – војната мора да заврши, и тоа искрено и праведно.
„Нашиот заеднички став е апсолутно јасен: војната мора да заврши. И тоа мора да се случи со искрен пристап“, рече Зеленски, нагласувајќи дека лидерите на ЕУ исто така ја поддржуваат оваа порака.
Според него, разговорот се однесувал и на содржината на посетата на Виткоф во Москва, и на реакциите што таа ги предизвика на меѓународната сцена.
„Украина ќе ја брани својата независност. Сите ние имаме потреба од траен и доверлив мир. Русија мора да ја заврши војната што самата ја започна. Благодарност до сите кои стојат покрај Украина“, додаде украинскиот претседател.
Трамп пак, го нарече состанокот на својот пратеник со рускиот претседател Владимир Путин „многу продуктивен“, посочувајќи дека бил постигнат „голем напредок“.
![]()

