Скандал во Унгарија: Откриена луксузна фарма на Орбан со палми, зоолошка градина и таен тунел

Во Унгарија избувна скандал откако независниот пратеник Акос Хадхази објави фотографии од недовршената резиденција на премиерот Виктор Орбан во Хатванпусцта. Имотот, кој според Орбан е „фарма на неговиот татко“, содржи градина со палми, приватна зоолошка градина, подземен тунел, библиотека, соларна централа и подземна гаража.

Хадхази тврди дека работниците на градилиштето работат под строги правила, телефоните им се одземаат, а при влез добиваат предупредувања. Фотографиите, наводно направени од поранешен работник, покажуваат и систем за загревање на патеките за да не се расчистува снег.

Викендот, пратеникот организираше „тура“ околу имотот, на која присуствуваа илјадници љубопитни граѓани. Сцените, според унгарските новинари, потсетувале на моментот кога јавноста влезе во резиденцијата на поранешниот украински претседател Јанукович во 2014 година.

И покрај инсистирањето на Орбан дека станува збор за семејна фарма, документите покажуваат дека за имотот е побарана енергетска дозвола за станбена зграда. Лидерот на опозициската партија „Тиса“, Петер Магјар, најави дека ако дојде на власт, ќе отвори истрага за имотите на сите поранешни владини функционери, вклучително и за овој.

Loading