Американскиот претседател Доналд Трамп, веднаш по заедничката прес-конференција со Владимир Путин, даде интервју за Фокс њуз (Fox News) каде ја оцени средбата со највисока оценка.
„На скалата од еден до десет, денешниот ден е десетка“, изјави Трамп, додавајќи дека е постигнат „значаен напредок“ иако постои „една голема пречка“ која го спречила конечниот договор. Детали не откри, но нагласи дека Путин сака завршување на војната во Украина.
Трамп истакна дека до конфликтот никогаш немало да дојде доколку тој бил претседател и ја обвини администрацијата на Џо Бајден за пропуст.
„Оваа војна никогаш не требаше да се случи. Сакам луѓето да престанат да умираат“, рече тој.
Тој најави дека ќе се организира средба меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, на која можно е и самиот да присуствува.
„Повеќето прашања се решени, останаа само една-две клучни точки“, изјави Трамп, но додаде дека „нема договор додека не биде официјален“.
Во пораката до Зеленски, Трамп беше јасен: „Склучи договор со Русија. Тие се голема сила, а Украина не е“. Според него, одлуката сега е на украинскиот лидер и на европските партнери.
![]()

