Средбата меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин во Алјаска започна со гест кој привлече огромно внимание: двајцата лидери заедно влегоа во претседателската лимузина на Трам „Кадилак уан“, вистински „ѕвер“, и заедно пристигнаа во воената база Елмендорф-Ричардсон, каде што се одржа самитот.
Иако се очекуваше секој да користи свое официјално возило, Путин седна покрај Трамп во оклопниот автомобил, што многумина го протолкуваа како знак на доверба и добри намери.
„Ѕверот“ првпат беше претставен на инаугурацијата на Трамп во 2017 година и е вистинска мобилна тврдина. Вратите му се дебели повеќе од 20 сантиметри, прозорците – од специјално непробивно стакло со дебелина од 12,7 сантиметри, а возилото е опремено со солзавец, чад, електрични рачки кои испуштаат струен удар, систем за ноќно гледање и сопствен извор на кислород. Дури има и фрижидер со крв од истата крвна група како претседателот, за итни случаи.
Цената на оваа оклопна лимузина се проценува на околу 1,5 милиони долари, а комуникациската опрема е високо енкриптирана за претседателот секогаш да биде достапен.
Со ова возење започна историскиот самит, кој се одржа во најголемата американска база во Алјаска, место каде што, како што пишуваат светските медиуми, е скриено и најмоќното американско оружје.
![]()

