Состанокот на американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски во Вашингтон траеше нешто помалку од половина час, но донесе неколку клучни пораки околу иднината на војната во Украина.
Седејќи со Трамп во Овалната соба, Зеленски му се заблагодари на американскиот претседател за поддршката и посебно ја истакна улогата на првата дама, Меланија Трамп:
„Ви багодарам многу, господине претседателе… исто така сакам да ѝ се заблагодарам и на вашата сопруга. Таа напиша писмо до Путин за нашите киднапирани деца.“
На прашањето дали американската поддршка за Украина завршува, Трамп одговори:
„Тоа никогаш не можам да го кажам. Тоа никогаш не е крајот на патот. Луѓе гинат и сакаме да го сопреме тоа. Сега имаме добра шанса.“
Трамп истакна дека верува дека и Владимир Путин сака крај на војната и најави дека Украина ќе добие „некоја форма на безбедносни гаранции“, без да прецизира дали тоа вклучува американски трупи.
Американскиот претседател потврди дека е можен состанок и со Зеленски и Путин во негово присуство:
„Мислам дека ако дојде до таков состанок, постои разумна шанса да ја завршиме војната.“
Зеленски изјави дека е „подготвен за трипартитен состанок“ и додаде дека тоа би било „многу добро“.
Во поопуштен момент, украинскиот претседател доби комплимент за својот костум, на што одговори во шеговит тон. Зеленски нагласи дека избори во Украина ќе има, но само кога условите ќе бидат безбедни:
„За време на војна не можете да одржувате избори.“
Трамп, пак, оцени дека мировен договор е можен и без прекин на огнот:
„Не мислам дека е неопходен прекин на огнот. Погледнете ги шесте договори што ги постигнав оваа година, сите беа додека траеше конфликтот.“
Американскиот претседател заврши со уверување:
„Воените конфликти ќе завршат. Овој господин сака да ги заврши, Путин сака да ги заврши, целиот свет истото го посакува – и ќе ги завршиме.“
![]()

