КВАЛИТЕТЕН НЕКВАЛИТЕТ
пишува Петар Богојески, национален лидер на политичка партија Македонски Концепт️
Квалитетот на животот на реалниот човек? Да, бездруго некаде постои, па реченицата таму е сосема логична, оправдано поставена и применлива, но кај нас, во оваа наша кутра Македонија, синтагмава прозвучува смешно, дури фарсично, зашто напросто, не соодветствува со реалноста – изгонета е и не живее овде.
Евентуално, би можеле да ставиме наводници, или подобро, пред зборот квалитет да ја додадеме претставката/негацијата – не. И да добиеме – квалитетен неквалитет. Или НЕквалитет на животот на реалниот човек. Се определив за првото.
Ако се исклучи оној минорен процент граѓани кои според воспоставените критериуми и параметри имаат квалитетен живот, останува тажниот факт дека овдешниот човек живее во вистински јад и беда, во постојана и, за жал, неуспешна борба, против системскиот полифем, кој барем засега, ја голта и надежта за некои идни, поблагопријатни и посреќни денови.
И кога сме веќе кај надежта – ирационална како сознание, рационална како потреба – таа се стуткала во срцето на луѓето, зашто тој, реалниот човек, се соочил со бедата на духот на моќните и силните (читај: полит и бизнис олигархија) кои со здодевност гледаат на маките на луѓето. И тоа во филозофијата се нарекува баналност на злосторството.
Во овие новогодишни денови, кога се прават разни пресметки, анализи и се сумираат резултатите од годината што изминува, до нас доаѓа и податокот дека, кај огромен број македонски граѓани депресијата станала нивен животен сопатник, при што секој втор пациент што се јавува кај матичниот лекар има знаци на анксиозност и депресија.
Информацијата е застрашувачка, но и логична кога ќе се земат предвид низата актуелни животни ситуации, произлезени од евидентната неспособност и нестручност на владетелите (поранешни и сегашни), на безидејноста, на егоизмот, алчноста, негрижата за реалниот човек, на криминалот, корупцијата, на анационалноста…
Резултатот како и погоре: бедата на духот произвела реална, секојдневна беда и сиромаштија, епска невработеност, бегство од катастрофичното секојдневие на хоризонти надвор од македонските граници, каде со полна уста ќе може да се зборува за квалитет на животот; произвела животен стипл-чез, голо преживување со мизерни плати и пензии, сива економија, секојдневни поскапувања на цените и услугите…
Да редиме ли и понатаму? Не, навистина нема потреба зашто само и ова е сосема доволно за да се всели во нас сознанието за неквалитетот на животот на реалниот, македонски граѓанин, за неговите недостоинствени денови кои одамна, многу одамна, небаре добиле аритметичка прогресија, се доживуваат како молекуларно лудило.
Рековме, депресијата и апатијата силно се вкорениле и суверено завладеале на нашиов суверен простор, па оттука човек добива впечаток дека шпанскиот мислител Мигуел де Унамуно, кога пишувал оти постојат нации со трагично чувство за животот, ги имал предвид македонските ситуации.
Меѓутоа реалниот македонски граѓанин својата трагика не ја гледа само како резултат на сознанието за својата смртност и желбата за бесмртност (на што акцентот го става овој умен Шпанец). Со други зборови, позната е старата вистина дека не е трагична секоја свест за смртноста и секое умирање, ниту пак трагедијата е свртена кон смртта, туку напротив – кон животот за кој се умира.
На овој наш домашен терен, во ова наше „мртво море“ потонале стотици илјади граѓани на нашата совршено – несовршена земја: осудени се на живот, изложени на жестокиот удар на судбината што им ја определуваат луѓе без морал, чест и достоинство. И последично, ставени се во ситуација, немо да го набљудуваат ништењето на највисоките вредности на човекот, сакатењето на квалитетот на животот, на светото во него и за него, на она што, впрочем, и го прави човек – неговото достоинство и гордост.
И да, сигурно ќе се согласите: денес во Република Македонија вее еден разорен дух, се разлазиле и разлигавиле разни гадинки што нè владееја и нè владеат, тешко нè притиснала нивната неспособност (способни единствено кога станува збор за лична добивка), нивната негрижа за обичниот човек, кој почнал да го симулира животот, постојано да ги менува маските низ кои, сепак, се пробива онаа тажна арлекинска солза што ќе ни ја покаже мастодонтската депресија на реалниот човек во овој наш театар на апсудрот…
И повторно: не е трагична смртта, барем не толку колку што може да биде катастрофичен животот. Тие два елемента, катастрофата на трагичната личност и катастрофата при барањето на вредностите и на оној толку посакуван квалитетен и достоинствени живот, кога нема да се реши трагичниот конфликт (иако не мора да бидат ни логично ни етички поврзани), главно се поврзани.
Но, како и да е, треба ли да се помириме со неубавата и до болка присутна реалност, да вегетираме во и со ова сознание и да им се предадеме на психичките неурамнотежености – депресијата и апатијата? Никако.
Треба само да се има концепт, чист и јасен, граѓански, општонароден, Македонски Концепт, во кој нема да бидат вкалкулирани личните добивки, удобноста на фотелјата, партиската послушност, непотизмот, приученоста и слично, ами за цел ќе има да го гони темното и грдото, да застне цврсто и стамено против лагата, блефот, лажните ветувања, неспособноста, нестручноста, незаинтересираноста кон народот и државата.
Тогаш македонскиот граѓанин ќе осамнеме во нов ден, во нова реалност во која реалниот човек конечно ќе го види и спознае квалитетот на животот. Без наводници.