Маж се преправал дека е стоматолог и лекувал заби со „лекции“ од интернет

Ви звучи познато?

Станува збор за актуелен случај во Чешка – уапсено е семејство од три лица кои вршеле стоматолошки услуги без лиценца и без медицинско образование. Клиниката функционирала од 2023 година, пренесува Гардијан.

Мажот се претставувал како стоматолог и им ги лекувал забите на пациентите, користејќи само интернет-лекции. Како што пренесува Гардијан, лажниот стоматолог не работел сам, туку соработувал со членови од своето семејство кои исто така немале допирни точки со медицината, односно со стоматологијата.

Полицијата открила дека лажната клиника работи од 2023 година во градот Хавличкув-Брод. 22-годишникот, без никакво стоматолошко образование, директно работел со пациенти и ги „лекувал“, вршел прегледи, давал анестезија, ставал пломби и вадел заби.

Целото „лекување“ и „дијагностика“ тој ги изведувал врз основа на информации научени од интернет. Во клиниката работела и 50-годишна жена како медицинска сестра, како и 44-годишен маж кој изработувал протези за пациентите.

Со оваа измама тројцата успеале да заработат околу 200 илјади евра.

Loading