Израелските сирени за воздушна опасност се огласија утрово во централниот дел на Израел, вклучувајќи го и Ерусалим, поради нов ракетен напад од Иран, пренесуваат странските новинаски агенции.
Пратениците во Кнесетот ја прекинаа седницата и веднаш се упатија кон засолништата, додека жителите во засегнатите области добија наредба да останат во засолништа сè додека не добијат поинакво известување.
Неколку минути претходно, сирени за тревога се огласија и во населбите долж границата со Либан, што укажува на повеќекратни ракетни напади. Според извештај на агенцијата Ројтерс, во близина на Ерусалим се слушнале неколку експлозии.
„Еден очевидец изјави дека видел проектил како лета високо над Ерусалим“, пренесува Ројтерс.
Во меѓувреме, портпаролот на иранската Главна команда на вооружените сили – Кетам ал-Анбија, Ебрахим Золфакари, објави видеопорака во која предупреди дека САД ќе сносат последици за своите постапки.
„Америка ќе се соочи со сериозни последици и решителни воени акции“, рече тој. На крајот од пораката, тој директно му се обрати на американскиот претседател на англиски јазик:
„Трамп, коцкару – вие ја започнавте оваа војна, но ние ќе бидеме тие што ќе ја завршиме“, порача Золфакари.
NOW: Iranian missile hit Israel’s Ashdod. pic.twitter.com/xgzeu6mdPH
— Clash Report (@clashreport) June 23, 2025
Израелските одбранбени сили (IDF) пак, утрово соопштија дека извршиле нови воздушни напади врз воени објекти во градот Керманшах, западен Иран.
Претходно, иранската државна новинска агенција Нур њуз објави дека Израел нападнал и во областа Парчин – голем воен комплекс југоисточно од Техеран, во раните утрински часови.
![]()

