Трамп: „Примирјето е на сила. Ве молам, не го прекршувајте!“; иранските медиуми: „Нè молеше да го прекинеме огнот…“

Иранските државни медиуми известија за прекин на огнот кој го објави Доналд Трамп, тврдејќи дека тој бил „наметнат“ на Израел по „успешниот“ воен одговор на Техеран на „американската агресија“.

Да потсетиме, Иран вчера изведе напад врз американска воена база во Катар како одговор на американските напади врз ирански нуклеарни постројки еден ден претходно. Во текот на ноќта, иранската државна телевизија објави дека Трамп потоа побарал прекин на огнот „на начин кој наликувал на молење“, пренесува Sky News.

Трамп, пак, изнесе поинаква верзија на настаните. На платформата Truth Social напиша дека речиси истовремено му се обратиле и Израел и Иран и рекле: „мир“. Во тој момент, додаде тој, „знаев дека е време за тоа“.

Четворица загинати на југот на Израел

Израелските итни служби известија дека бројот на загинати во иранскиот напад врз градот Беер Шева се зголемил на четири лица, а најмалку дванаесет лица се повредени. Израелската војска соопшти дека граѓаните сега можат да ги напуштат заштитените подрачја, што укажува на престанок на иранската ракетна закана.

Иранските државни медиуми исто така објавија дека прекинот на огнот со Израел сега стапил на сила, по четири бранови ракетни напади.

Трамп: „Примирјето сега е на сила“

„ПРИМИРЈЕТО СЕГА Е НА СИЛА. ВЕ МОЛАМ НЕ ГО ПРЕКРШУВАЈТЕ! “, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social околу 7:10 часот по македонско време.

Иранска државна телевизија: Прекин на огнот е постигнат

Иранската државна телевизија објави дека прекинот на огнот со Израел сега стапил на сила, пренесува Sky News.

Претходно, министерот за надворешни работи на Техеран изјави дека вооружените сили на неговата земја ќе ја продолжат борбата „до последната минута“.

Од друга страна пак, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави рано утрово дека не постои „договор“ за прекин на огнот меѓу Израел и Иран, но дека неговата земја нема да продолжи со нападите доколку Израел „ја запре агресијата“.

Loading