На повидок нов прекин на огнот во Газа: Трамп гарантира 60 дена тишина, Хамас бара траен мир

САД предложија нов план за 60-дневен прекин на воените дејства меѓу Израел и Хамас, објави „Асошиетед прес“, повикувајќи се на повеќе извори.

Според предлогот, Хамас би ги ослободил сите израелски заложници што се уште се живи, а би ги предале и телата на загинатите, додека Израел би ја повлекол својата војска во „тампон зони“ на границите со Газа и Египет. Во тој период би се зголемила и испораката на хуманитарна помош, а се планира и ослободување на дел од палестинските затвореници.

Клучниот момент е што американскиот претседател Доналд Трамп нуди лична гаранција дека Израел ќе го почитува прекинот на огнот, обидувајќи се да го увери Хамас дека нема да има еднострано обновување на борбите, како што се случи во март.

Предлогот не предвидува траен крај на војната, што е главно барање на Хамас, но вклучува услови за водење преговори за траен мировен договор за време на 60-дневниот прекин на огнот.

Израелскиот безбедносен кабинет, независно од преговорите, одобрил нов бран помош за северна Газа, каде што хуманитарната ситуација е критична. Според извештаите, најмногу контроверзии предизвикува улогата на фондацијата GHF, задолжена за дистрибуција на помошта, поради инциденти со цивилни жртви.

Се очекува официјална потврда на условите во наредните денови, откако Хамас ќе ги разгледа и потенцијално модифицира предложените точки.

Loading