На приватна донаторска вечера во 2024 година, Доналд Трамп, актуелен претседател на САД, изјавил дека во текот на својот прв мандат му се заканил на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе ја „бомбардира Москва“ ако ја нападне Украина, пренесува CNN повикувајќи се на аудио снимка од настанот.
„Му реков: Ако влезеш во Украина, ќе ја бомбардирам Москва. Немам избор“, тврди Трамп, додавајќи дека Путин наводно не му поверувал целосно, но „му верувал 10 проценти“.
Слична закана Трамп, според неговите зборови, упатил и до кинескиот претседател Си Џинпинг во случај на напад врз Тајван.
Тој повторно ја нагласи својата теза дека до руската инвазија во 2022 година немало да дојде доколку тој бил на власт, обвинувајќи го Џо Бајден за неефикасност и слабост. Сепак, за време на својот мандат (2017–2021), Трамп важеше за близок со Путин, често пофалувајќи ги нивните „добри односи“.
На последната владина седница (8 јули 2025), Трамп изјави дека „Путин ни фрла многу ѓубре“ и најави поддршка за нов пакет санкции против Русија, како и дополнителна воена помош за Украина, вклучувајќи противвоздушни системи.
Во меѓувреме, руските напади врз Украина продолжуваат. Украина повторно апелира до Западот за засилена воена и финансиска помош.
Дополнително, Трамп предизвика нова контроверзија велејќи дека би го депортирал „секој студент што протестира“, алудирајќи на пропалестинските демонстрации на американските универзитети.
„Тие направија голема грешка. Избркајте ги и ќе престанат“, рече тој.
Овие ставови веќе предизвикаа правни битки заради обидите на Белата куќа за укинување визи на студентски демонстранти, што наиде на отпор од судовите.
![]()

