Зеленски се сретна со папата Лав XIV: Ватикан како можна сцена за мировни преговори со Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во Ватикан се сретна со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV, и му се заблагодари за ангажманот околу враќањето на одземените деца од страна на Русија. Двајцата изразија подготвеност мировните преговори меѓу Украина и Русија да се одржат токму во Ватикан, иницијатива што веќе ја поддржаа САД, но ја одби Москва.

Средбата се одржа во рамки на тридневната посета на Зеленски на Рим, каде учествува на конференција за обнова на Украина. Папата повторно ја осуди војната како „бесмислена“, изрази жалење за жртвите и ја потврди поддршката за украинскиот народ.

Од Ватикан истакнаа дека разговорите биле фокусирани на итната потреба од „праведен и траен мир“.

Меѓународната заедница ја осуди Русија за нелегалната депортација на над 20.000 украински деца од окупираните територии што ОН го оценуваат како кршење на меѓународното хуманитарно право.

Loading