И додека западот шпекулира за остар пресврт, руските функционери и воени блогери го пречекаа настапот на Трамп со иронија, а московската берза дури и порасна.
Руските власти и влијателни пропагандни гласови на социјалните мрежи со доза на потсмев реагираа на заканувачката реторика на Доналд Трамп, кој во својот последен настап упати остри зборови за руската инвазија врз Украина. Наместо страв или вознемиреност, Москва одговори со рамнодушност – дури и оптимизам.
„Празни зборови“, вака ги опиша Трампoвите пораки рускиот сенатор Константин Косачов, додавајќи на својот канал на Телеграм: „Многу нешта можат да се сменат за 50 дена, и на бојното поле и во умот на властите во САД и НАТО“.
Сличен тон задржа и популарниот проруски воен блогер Јуриј Подољака. Според него, Трамп дури и сам би можел неколкупати да го смени мислењето за Украина до претседателските избори. „Денешната изјава е далеку од претставените очекувања“, напиша Подољака, сугерирајќи дека американскиот претседател веќе не делува како сојузник на Кремљ.
Изненадувачки, рускиот берзански индекс ММВБ доживеа раст од 2.5% веднаш по говорот на Трамп што беше толкувано од руските медиуми како знак на економска стабилност и доверба во односот на Москва кон меѓународната неизвесност.
„Денес започна нова реалност“, коментираше Сергеј Марков, поранешен советник на Путин и еден од најгласните провладини коментатори. Тој предупреди дека изјавата на Трамп ја менува перцепцијата на американската позиција. „Од денес, тој врши притисок само врз Русија и отворено ја поддржува Украина“, додаде Марков на својот профил.
Контрастот е остар ако се спореди со атмосферата од претходните денови, кога некои руски државни медиуми шпекулираа дека Трамп би можел да најави испорака на далекуметни ракети за Киев, сценарио што ќе ја влошеше безбедносната слика на терен.
Сепак, и покрај разочараноста кај некои што односите меѓу Трамп и Путин можеби неповратно се промениле, руските власти испратија сигнал: нема паника, ниту повлекување.
![]()

