Нови детали за уривањето на рускиот патнички авион: Прва снимка од трагичната несреќа со 49 загинати, меѓу нив и врвни лекари

Стар авион, лошо време и можна грешка на пилотите се причина за уривањето на рускиот патнички авион кај Тинда, така гласат првите извештаи за стравичната несреќа.

Патнички авион „Антонов Ан-24“ со 49 лица, меѓу кои и пет деца, се урна кај сибирскиот град Тинда за време на вториот обид за слетување. Според првичните извештаи од руските служби, нема преживеани. Најновите податоци укажуваат на три можни причини: човечка грешка, техничка неисправност и екстремно лоши временски услови односно ниска облачност и дожд.

Во јавноста веќе се појавија првите снимки од местото на несреќата, на кои се гледа целосно изгорена каросерија на авионот среде шума, во непристапна област.

Хронологија на несреќата: исчезнал од радарот при вториот круг

Авионот, во сопственост на компанијата „Ангара“, летал на релација Хабаровск – Благовешченск – Тинда. Од Благовешченск полетал во 11.20 часот по локално време. Во 12.58, за време на вториот обид за слетување, контактот со екипажот бил изгубен, а авионот исчезнал од радарите.

Областа била погодена од лоши временски услови – густа магла и дожд, поради што се претпоставува дека пилотите не успеале да ја видат пистата. Не било пријавено никакво дефектно функционирање пред исчезнувањето.

Првите снимки откриваат дека од авионот речиси ништо не останало. Се урнал на падините на 16 километри од аеродромот во Тинда. Местото е тешко достапно, опкружено со шуми и мочуришта. Спасувачките тимови со хеликоптери забележале чад и пламен, што укажува дека авионот експлодирал по ударот.

Кој бил на летот: цели семејства, деца, познати лекари

Помеѓу загинатите се наоѓале 38 возрасни лица, 5 деца и 6 членови на екипажот. Во авионот се наоѓал и реномиран торакален хирург од Хабаровск, како и брачен пар лекари и нивниот внук.

Некои извештаи откриваат дека една жена го пропуштила летот бидејќи нејзиното внуче се разболело, што ѝ го спасило животот.

Инаку, авионот „Ан-24“ бил произведен уште во 1976 година, а последниот сертификат за исправност му бил продолжен во 2021. Според изјавите од сопственикот на компанијата, како што пренесуваат руските медиуми, леталото било технички прегледано пред полетување. Но, токму староста на авионот, речиси 50 години, се наметнува како главен сомнеж за уривањето.

Овој модел одамна е под лупа во Русија, а уште во 2011 година властите побараа негово постепено повлекување од употреба во редовниот сообраќај.

Во меѓувреме, започната е и внатрешна контрола на авиокомпанијата, со фокус на техничката документација, безбедносните протоколи и обуката на пилотите.

Loading