Паника во најголемиот европски аеродром: Евакуација поради пријава за пожар – патници заглавени во долги редици

Очекувањата се дека управата на аеродромот ќе излезе со дополнително официјално соопштение за причините и постапките преземени по инцидентот.

Терминал на аеродромот Хитроу во Лондон утрово беше привремено евакуиран по активирање на аларм за пожар. Патниците беа замолени да ги напуштат просториите, што предизвика неред и хаос, особено кај оние кои беа во процес на пријава за летови или на пасошка контрола.

Просторот за подигнување багаж беше привремено затворен, а персоналот веднаш реагираше според протоколите за итни ситуации. На социјалните мрежи се објавени фотографии и видеа на кои се гледаат долги редици луѓе, заглавени без информации, додека службите ја проверуваа состојбата.

Иако не е потврдено дали навистина избувнал пожар, надлежните служби извршиле целосна проверка на безбедносните системи. Официјални претставници на аеродромот соопштија дека евакуацијата била спроведена како претпазливост, и откако било утврдено дека нема реална опасност, патниците почнале постепено да се враќаат во терминалот.

Настанот предизвика значителни доцнења и фрустрација кај патниците, особено бидејќи Хитроу е најпрометниот аеродром во Европа со над 200.000 патници дневно.

Иако нормализацијата на сообраќајот е веќе започната, патниците се предупредени на можна дополнителна гужва и доцнења во текот на денот.

Loading