Трагедија во Менхетен: Напаѓач убил четворица, меѓу нив полицаец со бремена сопруга – оставил проштална порака

Во крвава драма што се одигра вчера попладне во срцето на Њујорк, 27-годишниот Шејн Девон Тамура од Невада убил четворица луѓе, а меѓу нив и полицаец кој работел како обезбедување, пред самиот да си го одземе животот. Пукањето се случило во деловна зграда на 345 Парк Авенија, каде што се сместени седиштата на Националната лига за американски фудбал (NFL), Блекстон и KPMG.

Тамура, кој пристигнал во Њујорк само еден ден претходно, патувајќи преку целата земја од југозападниот дел на САД, веднаш по влезот во зградата отворил оган врз полицаецот Дидарул Ислам, 36-годишник од Бангладеш, татко на две деца, чија сопруга носи и трето дете. Напаѓачот потоа се искачил на 33-ти кат и продолжил да пука во канцелариите на Руден билдинг менаџмент, оставајќи уште тројца мртви и еден тешко повреден.

Полицијата од Лас Вегас потврди дека Тамура имал документирана историја на ментални потешкотии, но и легална дозвола за носење оружје. Во нападот користел автоматска пушка М-4.

Истражителите пронашле проштална порака во неговиот џеб, напишана на три страници, каде што тој тврдел дека страда од CTE – хронична трауматска енцефалопатија, невродегенеративна болест поврзана со повреди на мозокот. Тамура во младоста бил играч на американски фудбал, а во писмото го обвинил спортот и NFL за својата состојба:

„Тери Лонг и американскиот фудбал ми го донесоа CTE, и поради тоа испив литри антифриз. Не можете да се борите против NFL – ќе ве згази.“

Според информациите на Си ен ен, Тамура имал конкретни приговори против начинот на кој NFL се справува со последиците од CTE, особено кај поранешни играчи. Полицијата смета дека токму тие фрустрации би можеле да бидат мотивот за нападот.

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, го потврди идентитетот на убиениот полицаец и истакна дека станува збор за „херој кој својот живот го жртвуваше за да ги заштити другите“. Одделот за полиција од Њујорк му оддаде почит на социјалната мрежа Икс:
„Ги штитеше Њујорчаните кога неговиот живот беше трагично прекинат.“

Инцидентот предизвика паника -сведоци раскажуваат дека луѓе истрчувале од зградата со кренати раце, додека полицијата ги евакуирала сите катови. Според Би би си, на лице место бил забележан маж со крвави гради кој бил изнесен на носилки, а новинарските екипи добиле наредба да се скријат во околните објекти.

Полицијата продолжува со истрагата, но веќе е јасно дека оваа трагедија отвора сериозни прашања за менталното здравје, пристапот до оружје и одговорноста на големите спортски организации.

Loading