Трамп со закана кон Канада: Ќе биде тешко да склучиме трговски договор ако ја признаете Палестина

Американскиот претседател Доналд Трамп остро реагираше откако Канада најави дека планира да го признае палестинскиот државен статус, следејќи ги чекорите на Велика Британија и Франција. Трамп, кој често ја користи трговијата како инструмент за притисок врз другите земји, испрати предупредување:

„Ова ќе направи да биде многу тешко да склучиме трговски договор со нив“, изјави тој, алудирајќи на Канада.

Изјавата дојде откако канадскиот премиер Марк Карни објави дека Канада, заедно со Малта, ќе ја поддржи иницијативата во Обединетите нации за официјално признавање на Палестина како независна држава на Генералното собрание во септември.

„Нивото на човечкото патење во Газа е неподносливо“, рече Карни, нагласувајќи ја потребата од меѓународна соработка за постигнување траен мир и стабилност во регионот.

Канада долго време поддржува т.н. „двојно државно решениe“, каде што палестинска држава ќе коегзистира во мир и безбедност со Израел. Како дел од овој процес, Канада очекува и „многу потребни реформи“ во управувањето на Палестина, вклучително и одржување општи избори во 2026 година, исклучувајќи го милитантното движење Хамас.

Малта, од своја страна, исто така ја поддржува палестинската самостојност и самоопределување.

Одлуката доаѓа само еден ден по најавата на британскиот премиер Кир Стармер дека Велика Британија официјално ќе ја признае Палестина, а пред тоа и францускиот претседател Емануел Макрон го потврди истиот чекор.

„Она што го зборува Макрон, не е важно“, изјави Трамп претходно, покажувајќи отворено незадоволство од европските лидери.

Со ова, Франција ќе стане првата земја од Г7 и прв постојан член на Советот за безбедност на ОН кој официјално ја признава палестинската држава.

Според податоците, 147 земји членки на ОН, вклучувајќи 10 членки на Европската унија, веќе ја признаваат Палестина како независна држава, со суверенитет врз териториите од пред војната во 1967 година: Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим.

Израел останува цврсто против ваквото решение и ја бојкотираше неодамнешната конференција на ОН во Њујорк, заедно со својот најблизок сојузник  САД.

Loading