Берлин му сврти грб на Израел: Германија забранува извоз на воена опрема по најавата за целосен напад врз Газа

Германската влада нема да одобри ниту еден извоз на воена опрема што може да се користи во Појасот Газа до понатамошно известување, изјави канцеларот Фридрих Мерц.

Реагирајќи на планот на Израел за проширување на воените операции во Газа, Мерц нагласи дека Германија е „длабоко загрижена“ за постојаното страдање на цивилното население во регионот, пренесува Скај њуз.

„Со планираната офанзива, израелската влада презема уште поголема одговорност за нивното снабдување. Таа мора да обезбеди целосен пристап за хуманитарни пратки, вклучувајќи ги организациите на Обединетите нации и другите невладини институции. По преземените позитивни чекори во изминатите денови, Израел треба сеопфатно и одржливо да ја подобри хуманитарната состојба во Газа“, изјави германскиот канцелар.

Мерц исто така ја повика израелската влада да се воздржи од понатамошни чекори кон анексија на Западниот Брег.

Во меѓувреме, израелскиот безбедносен кабинет го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за целосна воена офанзива и заземање на Појасот Газа.

Loading