Трамп врши притисок врз Зеленски: „Можеш да ја завршиш војната веднаш, ако сакаш“

Американскиот претседател Доналд Трамп изврши притисок врз украинскиот лидер Володимир Зеленски во пресрет на средбата во Вашингтон со европските лидери, сугерирајќи дека Украина би можела „речиси веднаш“ да ја заврши војната доколку тоа е нејзина волја.

Трамп, кој своите коментари ги објави на платформата Трут сошал само неколку часа пред состанокот во Овалната соба со Кир Стармер, Емануел Макрон, Фридрих Мерц и Зеленски, јасно порача дека не поддржува членство на Украина во НАТО, ниту пак враќање на Крим.

„Претседателот Зеленски може да ја заврши војната со Русија речиси веднаш, ако сака. Нема враќање наназад во врска со Крим, кој беше даден пред 12 години без ниту еден испукан куршум. А нема ни влез на Украина во НАТО. Некои работи никогаш не се менуваат!“, напиша Трамп.

Овие пораки доаѓаат во чувствителен момент и би можеле да предизвикаат загриженост кај европските дипломати, кои настојуваат да избегнат нов јавен судир меѓу Трамп и Зеленски, каков што се случи во февруари, кога американскиот претседател и неговиот заменик Џеј Ди Венс го обвинија украинскиот лидер за „неблагодарност и непочит“.

Од своја страна, Зеленски по пристигнувањето во Вашингтон изјави дека се надева на „заедничка сила“ на Украина, САД и европските партнери за да се принуди Русија да прифати вистинска мирна спогодба.

„Сите сакаме оваа војна да заврши што е можно побрзо,“ порача украинскиот претседател.

Европските лидери најавија дека на средбата ќе ја потврдат својата поддршка за територијалниот интегритет на Украина и ќе се спротивстават на секој план за размена на територии кој би го наградил руското агресорство.

Loading