Смртта на познатиот глумец Џин Хекман (95) и неговата 30 години помлада сопруга Бети и понатаму е мистерија на која не се гледа крајот. Полицијата ја истражува секоја страна на нивната смрт, иако, како што рекоа претходно, на нивните тела не се пронајдени знаци на насилство, ниту пак, вратите од куќата биле разбиени.
Полицијата продолжува да ги испитува нивните пријатели, познаници и соседи за да утврди како изгледале последните денови на познатиот глумец и неговата сопруга.
Веднаш по трагедијата се огласи ќерката на Хекман, Елизабет, која изнесе сомнежи дека нејзиниот татко и неговата сопруга, веројатно, случајно се отруле со јаглероден моноксид.
Оваа информација беше демантирана од полицијата која соопшти дека гасната компанија не пронашла никакви проблеми со инсталациите. Меѓутоа, од гасната компанија неколку пати испратиле екипи за проверки во луксузната вила на глумецот. Во најновиот извештај сепак е потврдено дека имало протекување на гас, но…
– Пронајдовме пет проблематични места, вклучувајќи и едно помало протекување од гасната печка. Но, во воздухот е регистрирано 0,03 проценти гас што не е смртоносна доза и не можела да му наштети на господинот Хекман и неговата сопруга. Другите четири црвени точки всушност се помали прекршоци на безбедносните прописи и не вклучуваат протекување на гас или јаглероден моноксид. Овие пропусти беа пронајдени на бојлерот и гасните запалувачи поставени во три камини – соопштија од гасната компанија Санта Фе.
Овој извештај дополнително ја комплицира веќе мистериозната смрт на парот, особено по прелиминарните резултати од обдукцијата, при што патологот не пронашол траги на јаглероден моноксид во белите дробови на починатиот Хекман и неговата жена. Ситуацијата околу откривањето на причината за нивната смрт дополнително се комплицира со фактот што парот лежел мртов во куќата неколку дена, а никој не знаел ништо за тоа.
Како што пишуваа странските медиуми, последната проверка на пејсмекерот на Џин Хекман е од 17 февруари, па се претпоставува дека неговото срце тогаш застанало, но и понатаму останува мистерија што се случило со Бети и нивниот куче, кое исто така било пронајдено мртво во куќата. Полицијата продолжува со истрагата, но нема сомнение дека во овој случај постојат многу збунувачки и контрадикторни факти што ја прават целата ситуација уште мистериозна, пишува Дејли меил.
![]()

