Доналд Трамп вчера ја доведе во прашање посветеноста на САД кон НАТО и солидарноста меѓу сојузничките земји во рамките на трансатлантскиот одбранбен сојуз, што предизвика реакција од францускиот претседател Емануел Макрон, кој повика на „почитување“.
„Ако не платат, нема да ги бранам“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба.
Тој често го поставува прашањето дали САД – кои имаат далеку најголема војска во трансатлантскиот сојуз и се крајниот гарант на европската безбедност од Втората светска војна – треба да ја задржат својата централна улога во НАТО.
Републиканецот, кој во јануари ја започна својата втора претседателска кампања, постојано критикува дека некои членки на НАТО не издвојуваат доволно средства за своите одбранбени буџети и дека премногу се потпираат на САД.
„Треба да плаќаат повеќе“, истакна тој.
„Мојот најголем проблем со НАТО е што, ако САД имаат проблем и ако ги повикаме Франција или други земји, кои нема да ги именувам, и им кажеме ‘Имаме проблем’, дали навистина мислите дека тие ќе дојдат и ќе ни помогнат, како што треба? Не сум сигурен…“, изјави Трамп.
Францускиот претседател Емануел Макрон одговори: „Ние сме лојални и верни сојузници. Отсекогаш сме биле тука еден за друг.“ Оваа изјава ја даде пред новинарите во Брисел, по состанокот на лидерите на ЕУ, на кој беше постигнат договор за зајакнување на европската одбрана.
Макрон нагласи дека Франција чувствува „почитување и пријателство“ кон САД и нивните лидери, но исто така има „право да бара истото“ од Американците.
![]()

