Аеродромот Хитроу во Лондон ќе остане затворен во текот на цел ден (петок, 21 март) поради голем пожар во блиската електрична трафостаница, што предизвика прекин на струјата и го наруши редот на летови низ целиот свет.
Околу 70 пожарникари се борат со пламените јазици во западниот дел на Лондон, додека густ чад се издига кон небото. Околу 150 луѓе беа евакуирани од блиските домови, а илјадници згради останаа без струја.
Од аеродромот соопштија дека останува затворен до 21 март во 23.59 часот и ги советуваат патниците да не доаѓаат.
Heathrow Airport and the surrounding area has been hit by a power outage because of a fire at a substation in Hayes. The fire is around 1.5 miles from the airport. pic.twitter.com/KBIRghHtxB
— Sky News (@SkyNews) March 21, 2025
Според платформата за следење летови FlightRadar24, најмалку 120 авиони кои требаше да слетаат на Хитроу беа пренасочени кон други аеродроми. Вкупно 1.351 лет беа планирани за петок.
Овој прекин ќе има глобални последици врз туризмот, авио-индустријата и меѓународната трговија. Многу летови се откажани или одложени, а авионите и екипажите не се на своите предвидени локации.
Британската авиокомпанија British Airways имала закажано 341 лет за Хитроу во петок, а компанијата соопшти дека работи на тоа да ги извести патниците за алтернативни опции во наредните 24 часа.
Некои летови од САД се враќаа назад кон почетната дестинација, а патниците изразија незадоволство на социјалните мрежи.
„Не знаеме каде летаме, сега сме над Австрија“ – гласи една објава на социјалните мрежи, која најдобро го опишува хаосот на небото.
Портпаролот на Хитроу изјави дека не е јасно кога ќе биде вратено снабдувањето со електрична енергија и дека се очекуваат големи нарушувања во наредните денови.
![]()

