Судот донесе политичка одлука, а судијата направи грешка, порача во првата реакција Марин Ле Пен (56), претседателка на француската десничарска партија Национално обединување.
Судот ја осуди на четири години затвор поради проневера, од кои две години условно, и ѝ изрече петгодишна забрана за вршење јавни функции.
Во интервју за француската телевизија TF1, Ле Пен одговори на прашањето зошто ја напуштила судницата пред да го слушне судијата кој ѝ ја изрекол казната.
„Не ми требаше повеќе. Разбрав што се случува. Судот намерно се обидува да ме спречи да се кандидирам во 2027 година“, изјави таа.
Ако не ѝ биде прифатена жалбата што веќе ја најави, Ле Пен нема да може да се кандидира за претседател на следните избори. Според последните анкети, таа беше во водство, а ова требаше да ѝ биде последната кандидатура, по три неуспешни обиди.
„Милиони луѓе во Франција сега ќе бидат лишени од можноста да гласаат за фаворитот на следните избори“, порача Ле Пен.
Таа откри дека, и покрај петгодишната забрана, „не планира да се повлече од политиката“ и дека ќе продолжи со жалбениот процес „со сета сила“, бидејќи е цврсто уверена во својата невиност.
„Нема да се откажам. Не можам да дозволам вака да ме отстранат. Вечерва ви кажувам, не сум деморализирана, но сум, исто како и вие, згрозена од оваа одлука. Се чувствувам огорчено. Но, та горчина, тоа чувствo за неправда, е дополнителен мотив за борбата што ја водам за избирачите. Милиони Французи веруваат во мене, а јас се борам за нив веќе 30 години“, нагласи таа.
На прашањето кој би можел да ја замени, а во медиумите веќе се споменува 29-годишниот Жордан Бардела, таа одговори дека ќе се бори „сè додека не биде готово“. За Бардела изјави дека е „неверојатна сила“ за нејзиното движење.
![]()

