Според најновите податоци, бројот на загинати во силниот земјотрес што го погоди Мјанмар минатата недела се искачи на 2.719, а се очекува оваа бројка да надмине 3.000, изјави воениот лидер на земјата, Мин Аунг Хлаинг, во телевизиско обраќање.
Земјотресот со јачина од 7,7 степени го погоди регионот во петок на пладне и предизвика огромни штети. Според официјалните податоци, 4.521 лица се повредени, а 441 се водат како исчезнати.
Во главниот град Нејпјидо, спасувачките екипи денес извлекоа 63-годишна жена од урнатините, 91 час по земјотресот. „Шансите за пронаоѓање преживеани значително опаѓаат по 72 часа“, изјавија експерти, пренесува Асошиејтед прес.
Многу области останаа без електрична енергија и комуникација, што ја отежнува проценката на целокупната штета. Повеќето извештаи пристигнуваат од градовите Мандалеј и Нејпјидо, каде што спасувачките тимови и натаму работат под екстремни услови.
„Потребите се огромни и се зголемуваат од час во час“, изјави Џулија Рис, заменик-претставник на УНИЦЕФ за Мјанмар. „Семејствата во погодените подрачја се соочуваат со акутен недостиг на чиста вода, храна и медицински материјали.“
Според Светската здравствена организација, повеќе од 10.000 згради низ централниот и северозападниот дел на земјата се целосно уништени или тешко оштетени. Во еден од најтрагичните инциденти, 50 будистички монаси загинаа кога се урна манастир во кој полагале религиозен испит, а уште 150 лица се водат како затрупани.
Земјотресот ги погоди и соседните земји, вклучително и Тајланд, каде што се урна недовршена зграда во Бангкок, при што загинаа 20 лица, а 34 беа повредени.
Спасувачките тимови од Кина, Русија, Индија и неколку земји од Југоисточна Азија веќе пристигнаа во Мјанмар, а американскиот тим сè уште е на пат. Напорите за помош продолжуваат, но ситуацијата останува критична.
![]()

