Трамп номиниран за Нобелова награда за мир: Откри приватна порака од шефот на НАТО „Вечерва во Хаг…“

Републиканскиот конгресмен Бади Картер, кој се кандидира за Сенатот на САД во сојузната држава Џорџија, објави дека го номинирал претседателот Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, поради неговата улога во решавањето на израелско-иранскиот конфликт, пренесува Си ен ен.

– Никој не ја заслужува повеќе оваа награда од овој претседател – изјави Картер, кој не е единствениот што застанал зад ваква иницијатива.

И владата на Пакистан најави дека ќе го предложи Трамп за истата награда, посочувајќи ја неговата дипломатска улога во смирувањето на тензиите меѓу Пакистан и Индија минатиот месец.

Во објава на мрежата Икс, пакистанските власти наведуваат дека Трамп ја заслужува Нобеловата награда „како признание за неговата одлучна дипломатска интервенција и клучното лидерство во текот на индиско-пакистанската криза“.

Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави приватни СМС пораки што му ги испратил генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по воздушните напади врз Иран.

Во долга порака исполнета со пофалби, Руте му честита на Трамп за, како што ја нарекува, „одлучната акција“ и наведува дека „постигнал нешто што ниту еден американски претседател со децении не успеал“.

„Господине претседателе, драг Доналде, честитки и благодарам за вашата одлучна акција во Иран – тоа беше навистина извонредно, нешто што никој друг не се осмели да го направи. Ова нè прави сите побезбедни.

Вечерва, во Хаг, ќе полетате кон уште еден голем успех. Не беше лесно, но успеавме да ги убедиме сите да потпишат на тие пет проценти.

Доналде, нè доведовте до навистина, навистина важен момент за Америка, Европа и целиот свет. Ќе постигнете нешто што НИТУ ЕДЕН американски претседател не успеал со децении. Европа ќе ја плати ГОЛЕМАТА цена – како што и треба – и тоа ќе биде ваша победа. Среќен пат и се гледаме на вечерата кај Неговото Височество! – Марк Руте“, стои во пораката.

Израел го информирал американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе се воздржи од понатамошни напади врз Иран, јави кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху по нивниот телефонски разговор.

Трамп, кој претходно најави примирје, изразил уверување дека тоа ќе биде стабилно, и покрај меѓусебните обвинувања меѓу Техеран и Тел Авив за прекршувања на договорот.

Loading