Силно невреме зафати голем дел од Франција, при што две лица загинаа, а најмалку 17 се повредени, соопштија од француската служба за цивилна заштита.
Според изјавата на Александар Жуасар, заменик на оперативниот центар, една личност е тешко повредена, а останатите поминале со полесни повреди, најчесто предизвикани од паѓање дрвја или локални поплави, пренесе телевизијата BFM.
Енергетската компанија „Енедис“ информираше дека околу 100.000 домаќинства останале без електрична енергија, особено во областите Оверњ, Бургундија и Лимузен, каде што екипи на терен работат на отстранување на последиците.
Поради невремето, дошло и до застој во железничкиот сообраќај, а метеоролошкиот институт „Кераунос“ извести дека бил забележан редок атмосферски феномен наречен „деречо“ – долготрајна бура со силни ветрови, која се протегала низ појас долг околу 700 километри.
„Деречо“ претставува голема серија на силни грмежи и налети на ветер кои надминуваат 90 км/ч, а само во текот на оваа бура биле регистрирани речиси 17.000 удари на гром, соопшти „Кераунос“.
Во регионот на Париз биле пријавени бројни оштетени возила и паднати дрвја, а властите ги повикаа граѓаните на претпазливост, бидејќи постои ризик од нови непогоди.
Една од жртвите е 12-годишно момче кое настрадало во местото Пикекос, кога дрво паднало врз него додека со семејството го напуштале погоденото подрачје. Во департманот Мајен, моторист загинал откако дрво се урнало на патот по кој се движел, соопштуваат француските медиуми.
Штетите се значителни. Во местото Валај, во департманот Ер, се срушила камбанаријата на локалната црква, а кровот бил целосно уништен. Во текот на ноќта, околу 2.000 пожарникари интервенирале на повеќе од 1.000 локации во погодените региони, соопшти портпаролот на Националната федерација на пожарникари на Франција, Ерик Брокарди.
До утрово, ниеден департман не останал под портокалова тревога за грмежи, но Рона и Изер сè уште се под предупредување за топлотен бран, кој продолжува да зафаќа дел од земјата.
![]()

