По седум дена молк, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи, конечно се огласи во јавноста и изјави дека Техеран постигнал победа над Тел Авив по 12-дневниот вооружен конфликт, упатувајќи честитка до иранскиот народ.
„Му честитам на иранскиот народ за победата“, се наведува во пораката на Хаменеи, кој ја нарече оваа победа „голема победа над лажниот ционистички режим“.
„И покрај целата негова бучава и самофалба, тој режим под ударите на Исламската Република беше речиси срушен и скршен“, изјави Хаменеи, во своето прво обраќање по примирјето меѓу Израел и Иран, кое официјално го потврди претседателот Пезешкијан на 25 јуни.
Конфликтот започна ноќта меѓу 12 и 13 јуни, кога Израел покрена воена операција против Иран, обвинувајќи го Техеран за таен развој на воена нуклеарна технологија. Метите на воздушните напади беа ирански нуклеарни постројки, високи воени функционери, истакнати нуклеарни физичари и воени бази.
Во претходните денови, во иранските медиуми и јавноста растеше загриженост поради отсуството на ајатолахот Хаменеи, кој речиси цела недела не се појавуваше во јавноста ниту даваше официјална изјава, иако конфликтот со Израел во меѓувреме беше прекинат со примирје.
Како што денес објави Њујорк тајмс, Хаменеи наводно бил преместен на непозната локација во моментот кога започнал конфликтот, поради страв од обид за атентат од страна на израелските безбедносни служби, дури и за време на примирјето. Се верува дека сè уште се наоѓа во засолниште.
На прашањата за неговото отсуство, неговиот близок соработник и раководител на архивата на врховниот лидер, Мехди Фазели, изјави дека безбедносните служби „си ја вршат работата како што треба“, додавајќи:
„Ако даде Господ, народот наскоро ќе ја слави победата заедно со својот лидер.“
Американскиот весник исто така укажува дека тишината и отсуството на Хаменеи дополнително ги разгоруваат внатрешните политички тензии меѓу конзервативните и умерените фракции во Техеран, кои се разидуваат околу тоа какви следни чекори треба да преземе Иран по деескалацијата со Израел.
![]()

