Апсења и егзекуции во Иран по конфликтот со Израел: Критичарите стравуваат од нов бран терор

По 12-дневниот конфликт со Израел, иранските власти започнаа масовна акција на апсења и погубувања на лица осомничени за поврзаност со израелските разузнавачки служби.

Како што тврдат иранските власти, мерките се преземени во име на националната безбедност. Но, активистите за човекови права предупредуваат дека станува збор за нова фаза на репресија и застрашување.

Според извештаи на BBC Persian, иранските власти тврдат дека Израел успеал длабоко да се инфилтрира во нивниот безбедносен систем, што довело до серија атентати врз високи команданти на Револуционерната гарда и научници од нуклеарниот програм.

Во текот на конфликтот биле погубени најмалку шест лица обвинети за шпионажа, а над 700 се уапсени. Државната телевизија емитувала признанија, за кои критичарите велат дека се изнудени.

Притисокот се проширил и на новинарите надвор од земјата, на семејствата на новинари од BBC Persian и Iran International им се заканувале, а некои се и приведени за да се изврши притисок. Новинарите се етикетирани како „непријатели на Бога“, деликт кој во Иран носи смртна казна.

Овие случувања се споредуваат со темните 80-ти години, кога иранскиот режим погуби илјадници политички затвореници. Постојат стравувања дека Техеран, ослабен на меѓународната сцена, повторно се врти кон насилна контрола за да го задуши секој облик на отпор.

Loading