Претседавањето ќе го тестира трпението и силата на 27-те земји членки во Европската унија.
Денес Данска ја презема ротирачката функција на претседавач со Советот на Европската унија, преземајќи ја од Полска. Во наредните шест месеци, данските владини претставници ќе ја водат организацијата на бројни министерски состаноци и ќе посредуваат во решавањето на споровите меѓу 27-те земји членки на Унијата.
Главната тема на данското претседавање ќе биде зајакнувањето на заедничката одбранбена политика, со посебен акцент на проекти за вооружување како одговор на безбедносните закани од Русија. Под мотото „Силна Европа во свет што се менува“, Данска се обврзува да ја зголеми конкурентноста и влијанието на Унијата на светската сцена.
Покрај безбедносните приоритети, Копенхаген ќе се фокусира и на законодавни активности насочени кон борба против миграциите и климатските промени, две клучни прашања кои ја обликуваат иднината на Европа.
Сепак, претседавањето ќе биде исполнето со тешки предизвици. Еден од најголемите проблеми е продолжената блокада од Унгарија кон пристапните преговори со Украина, како и тековниот трговски спор со САД. Дополнително, Данска ќе мора да посредува во напорните преговори за долгорочниот европски буџет за периодот 2028–2034 година, тема која предизвикува големи несогласувања, особено меѓу Германија како најголем нето-донатор, која се противи на зголемување на буџетските расходи.
Свеченото одбележување на почетокот на претседавањето ќе се одржи во четврток во Орхус, вториот најголем град во Данска. На настанот ќе присуствуваат претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и други високи претставници од ЕУ.
Данското претседавање доаѓа во време на силни политички поделби и кризи, а од Копенхаген се очекува да одигра клучна улога во одржувањето на единството и стабилноста на Европската унија.
![]()

