Сведоштва на преживеаните од пеколот во Тексас: „Куќите исчезнуваа за помалку од 10 минути“

Централниот дел на Тексас го зафати катастрофална поплава, оставајќи десетици мртви и илјадници евакуирани. За само неколку часа, реката Гвадалупе порасна за речиси 8 метри, носејќи куќи, автомобили и животи.

Сведоштвата од преживеаните звучат како сцени од апокалиптичен филм- луѓе се држеле за дрвја, излегувале преку прозорци, пливале на душеци и ладилници, молејќи се за спас.

Во време на трагедијата, повеќе од 750 девојчиња престојувале во летниот камп Мистик, лоциран токму покрај реката. Во близина, десетици други деца и семејства кампувале, без помисла дека во тек е најголемата природна катастрофа во регионот по децении.

Еден од преживеаните, Рики Гонзалез, раскажува дека во моментот кога водата влегла во нивниот изнајмен Аирбн стан, мислел дека нема да преживее. „Ѝ реков збогум на сестра ми преку Фејс тајм. Подготвивме душеци и фрижидери за пливање… само за да преживееме“, вели тој.

Поради непостоење на систем за рано предупредување, жителите биле фатени неподготвени. Властите дури утрото започнале да ги предупредуваат луѓето од врата на врата, но за многумина било предоцна.

Во камповите La Junta и HTR Hill Country, децата биле разбудени во 4 часот наутро од вресоци.

„Не знаевме што се случува, знаевме само дека мораме да бегаме!“ – раскажа 14-годишниот Вајндем.

Од воздух и по вода, повеќе од 100 спасувачи се обидувале да стигнат до загрозените области. Специјални единици, хеликоптери и волонтери се мобилизирани во операција без преседан.

Сцените од куќи што исчезнуваат за помалку од 10 минути, родители што ги носат децата низ надојдени води, и луѓе кои преку електрични далноводи бегаат на безбедно, остануваат врежани во меморијата на преживеаните.

„Ги гледав моите пријатели како умираат. Никогаш нема да го заборавам тоа чувство“, вели еден од преживеаните.

Оваа трагедија повторно ја отвори темата за климатските промени, неподготвеноста на локалните власти, и цената што ја плаќаат обичните луѓе кога природата ќе удри со полна сила. Тексас сега брои жртви и штети, додека луѓето покрај реката Гвадалупе се обидуваат да ги состават деловите од уништениот живот.

Loading