Над 580.000 домаќинства останаа без електрична енергија, две лица загинаа, а повеќе од 300 се повредени како последица на силниот ветер и обилните врнежи што ги донесе тајфунот кој „удри“ на густо населената западна обала на Тајван.
Тајфунот, кој пристигна до копното доцна синоќа со максимални удари на ветерот од 144 километри на час, донесе над 60 сантиметри дожд во одредени региони, предизвикувајќи поплави и свлечишта. По пристигнувањето, тајфунот ослабе и премина во тропска бура, продолжувајќи да се движи кон Тајванскиот Теснец и Кина, како што беше претходно најавено.
Најмалку 334 лица се здобиле со повреди, додека над 3.400 граѓани биле принудени на евакуација, најмногу од планинските области околу јужниот пристанишен град Каосјунг. Училиштата и институциите беа затворени низ целото острово поради непогодата.
Илјадници туристи останаа заглавени на оддалечените тајвански острови Пенгу, Мацу и Грин, поради откажани фериботски линии и летови.
Во меѓувреме, јужните и источните делови на Кина се подготвуваат за ударот на бурата, кој се очекува да пристигне во вторник попладне по локално време. Во провинцијата Гуангдонг властите повикаа стотици бродови да се вратат во пристаништата и евакуираа повеќе од 2.000 лица од крајбрежните области. Два града во провинцијата Џеџијанг ги прекинаа фериботските услуги и ги стопираа градежните активности.
![]()

