Трамп: Ќе испратиме повеќе оружје за Украина, мора да се бранат!

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе испратат дополнително одбранбено оружје за Украина, нагласувајќи дека земјата „мора да се брани“ од сè поинтензивните руски напади.

„Ќе испратиме уште оружје. Сега се силно погодени. Ќе испратиме пред сè одбранбено оружје“, изјави Трамп на вечерата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа.

Американското Министерство за одбрана потврди дека по налог на Трамп ќе бидат испорачани нови пратки оружје, со цел Украина да ја зачува својата одбрана додека траат напорите за воспоставување траен мир.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски по телефонскиот разговор со Трамп рече дека заедно ќе работат на засилување на одбранбените капацитети, особено во заштитата на воздушниот простор.

Се очекува САД и натаму да обезбедуваат системи како Патриот, кои Киев ги смета за клучни за одбрана од руските ракетни напади.

Loading