Новата екранизација на Супермен во режија на Џејмс Ган, која во кината пристигнува денес на 10 јули, беше оценета како политички обоен и емотивен филм кој го означува почетокот на новата ера на DC Универзум.
Филмските критичари имаат различни реакции, некои го фалат како храбар и верен на духот на легендарниот херој, додека други сметаат дека приказната е недоволно убедлива.
Главната улога ја игра Дејвид Коренсвет, чие толкување на Супермен е опишано како искрено и инспиративно, со силна хемија со Рејчел Броснахан (Лоис Лејн). Меѓу најпофалените елементи се и топлината, хуморот и моралните дилеми, особено политички набиената порака што ја испраќа Ган – Супермен како имигрант што ја симболизира Америка и човечката добрина како изгубена вредност.
Сепак, дел од критичарите како Питер Хауел сметаат дека филмот не ги исполнил големите очекувања. Тој го нарекува Супермен „несмасен јунак што добива повеќе ќотек отколку што спасува“, а како најсилна фигура го истакнува суперкучето Крипто. Останатите споредни ликови се оценети како коректни, но без особен впечаток.
Иако филмот не е совршен, повеќето се согласуваат дека тој претставува солидна основа за новата DC филмска визија, со свежа енергија, добар кастинг и јасно изразена политичка подлога која го прави актуелен во денешниот контекст.
![]()

