ОН остро ја осуди израелската војска за убиството на шест новинари во Газа

Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации издаде официјална изјава во која остро ги осудува израелските напади врз новинарите во Појасот Газа.

Според информациите, петмина од загинатите биле вработени во телевизијата „Ал Џазира“, меѓу кои и познатиот новинар Анас ал Шариф, а лекарите потврдиле дека и шестиот, независен новинар, го загубил животот, пренесува Скај њуз (Sky News).

„Го осудуваме убиството на шест палестински новинари од страна на израелската војска, откако беше нападнат нивниот шатор, чин што претставува сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право,“ се наведува во соопштението.

ОН потсетуваат дека Израел има обврска да ги почитува и заштитува сите цивили, вклучувајќи ги и новинарите, без разлика на околностите.

Според податоците на Канцеларијата, од 7 октомври 2023 година, од почетокот на израелската офанзива во Газа, биле убиени најмалку 242 палестински новинари.

„Повторно упатуваме итен повик за обезбедување непосреден, безбеден и непречен пристап во Газа за сите новинари,“ се истакнува во изјавата на ОН.

Loading