Трамп повторно ја разбранува јавноста со изјава за територијални отстапки во војната во Украина

Претседателот на САД, Доналд Трамп, предизвика нови полемики откако изјави дека и Украина и Русија ќе мора да направат територијални компромиси за конечно да се стави крај на вооружениот конфликт.

На прес-конференција во Белата куќа, Трамп најави дека во петок ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска, состанок што го опиша како „испитување на ситуацијата“.

Според него, уште во првите две минути од разговорот ќе може да процени дали постои реална можност за напредок кон мировен договор.

Тој не ја исклучи можноста на идните средби да се приклучи и украинскиот претседател Володимир Зеленски, што би отворило пат за трилатерални преговори меѓу него, Путин и Зеленски.

По средбата со Путин, Трамп планира да разговара и со европските лидери во обид да го забрза прекинот на огнот во конфликтот што трае од февруари 2022 година.

Иако во минатото предложи размена на територии, ниту Москва ниту Киев досега не покажале подготвеност за таков вид компромис. Многу европски лидери предупредуваат дека евентуални отстапки кон Русија би можеле долгорочно да ја загрозат безбедноста на регионот.

Војната продолжува, при што Русија контролира околу една петтина од украинската територија, додека Украина нема ниту еден дел од руската. Трамп истакна дека Русија зазела „многу важна територија“ и дека ќе се направат напори да се врати дел од неа, но со можност за одредени територијални размини.

Изјавата повторно го отвори прашањето за дипломатско решение на кризата и предизвика поделени реакции на меѓународната сцена.

Loading