Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во разговор со својот руски колега Владимир Путин била отворена темата за денуклеаризација, додавајќи дека Москва е подготвена за таков чекор и дека очекува Кина да го следи примерот.
„Една од работите што се обидуваме да ја постигнеме со Русија и со Кина е денуклеаризација, и тоа е многу важно. Тоа беше една од темите за кои разговарав со претседателот Путин, не беше само тоа, туку и други прашања, но мислам дека денуклеаризацијата е навистина голема работа“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба.
Тој нагласи дека „Русија е подготвена да направи таков чекор“ и додаде: „Мислам дека и Кина ќе биде подготвена. Не можеме да дозволиме ширење на нуклеарното оружје. Мора да го сопреме тоа“.
Претходно, Трамп неколку пати изрази загриженост за нуклеарните способности на Русија, особено откако поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев во текот на летото предупреди дека САД и Русија се туркаат кон војна.
Трамп тогаш изјави дека изјавите на Медведев претставуваат „крајна закана“ и како одговор нареди две американски нуклеарни подморници да бидат распоредени во „соодветни региони“.
Сè уште не се знае дали администрацијата на Трамп ќе се обиде да постигне официјален договор за нуклеарно разоружување со Русија и Кина. На прашање на Си-ен-ен, Белата куќа одби да коментира, упатувајќи на јавните изјави на претседателот.
![]()

