Ова е ултиматумот за мир: Итно прекинете!

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп бара од Украина да прифати итен прекин на огнот со Русија како услов за потпишување на договор за ретки минерали, пренесува агенцијата Блумберг, повикувајќи се на добро информирани извори.

Според наводите, Вашингтон е подготвен да склучи договор, кој беше блокиран по расправијата меѓу Володимир Зеленски и Доналд Трамп во Белата куќа минатиот петок, само доколку Киев утврди конкретен пат за прекин на огнот и преговори со Москва.

Претходно, Володимир Зеленски на 28 февруари се сретна со Трамп во Белата куќа. За време на разговорот, во присуство на новинари, дојде до вербален судир, при што Трамп му посочи на Зеленски дека не ги почитува Соединетите Американски Држави, а потпретседателот Џеј Ди Венс нагласи дека Зеленски заборавил да му се заблагодари на Вашингтон за поддршката што му ја дава на Киев.

Нов состанок во Ријад

Високи претставници од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе отпатуваат следната недела во Саудиска Арабија на средба со украински претставници, објавија денес американските медиуми.

Според Фокс њуз и Аксиос, средбата е закажана за среда во Ријад.

Дополнително, се наведува дека државниот секретар на САД, Марко Рубио, и други високи функционери ќе пристигнат во Ријад во вторник, каде што ќе се сретнат со Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во меѓувреме, Зеленски на социјалната мрежа Икс изјави дека „украинските и американските тимови продолжуваат да работат и се надеваат дека следната недела ќе одржат суштинска средба“.

Loading