Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија ја поддржува идејата за прекин на огнот во Украина, но нагласи дека најпрво мора да се разјаснат клучните прашања. Тој истакна дека примирјето има смисла само ако води кон долгорочен мир, а не како тактички одмор за украинската армија, пишуваат руските медиуми.
„Што се однесува до подготвеноста на Украина за прекин на огнот, ќе ја споделам мојата проценка. Прво, му се заблагодарувам на претседателот на САД за вклученоста во решавањето на конфликтот. Второ, се согласуваме со предлозите за прекин на воените дејствија, но сметаме дека примирјето мора да биде поврзано со долгорочен мир. Изгледа дека Украина ја донесе оваа одлука под американски притисок. Сигурен сум дека Американците ги убедиле во тоа, имајќи ја предвид ситуацијата на теренот“, изјави Путин, пренесуваат руските медиуми.
„Русија ја презема контролата“
Путин нагласи дека во моментов на фронтот се водат интензивни борби и дека руската армија е во офанзива на сите правци. Тој ја коментираше и ситуацијата во Курск, нагласувајќи дека сè е под контрола на Русија, а украинските трупи се опколени.
Дополнително, рускиот лидер посочи дека пред да се постигне договор за примирје, мора да се решат неколку клучни прашања, како што се можното продолжување на мобилизацијата во Украина и испораката на оружје од Западот за време на прекинот на огнот.
Путин изрази подготвеност да разговара со САД за овие прашања и дури предложи дека повик до Доналд Трамп би можел да помогне во наоѓањето решение. Според него, ситуацијата се менува во корист на Русија, а украинскиот претседател Володимир Зеленски бил „понижен“ во разговорите во Белата куќа.
Руски гас повторно во Европа?
Рускиот претседател ја спомена и можноста за обнова на енергетските токови кон Европа. Според него, ако Русија и САД постигнат договор за енергетска соработка, гасоводите кон Европа би можеле повторно да бидат пуштени во употреба, обезбедувајќи евтин руски гас за европските земји.
Во однос на регионалната безбедност, Путин изјави дека Русија разговарала со Белорусија за заедничка одбрана, нагласувајќи дека руско тактичко нуклеарно оружје е сместено на територијата на Белорусија. Двете земји, според него, ќе продолжат со воената соработка и размена на воена опрема.
Три услови за мир
Извори блиски до Кремљ откриваат дека Русија поставила три основни услови за постигнување траен мир со Украина:
Украина не смее да стане членка на НАТО.
На украинска територија не смеат да бидат стационирани странски воени сили.
Крим и четири украински региони мораат да бидат меѓународно признати како дел од Русија.
Останува да се види како ќе одговорат САД и Украина на овие барања и дали светот ќе добие вистинско примирје или само уште една пауза пред нова ескалација на конфликтот.
![]()

