Зеленски постави ултиматум за договорот за природни ресурси со САД

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина нема да се согласи на никаков договор за експлоатација на своите природни ресурси со САД ако тоа го загрози членството на Украина во Европската унија.

„Тоа не може да биде прифатено“ -рече Зеленски и изјави дека Киев од Вашингтон добил нацрт договор за вредните украински ресурси. Но, според украинскиот портал „Европска правда“, понудениот договор може да биде во спротивност со критериумите за економски суверенитет кои Украина мора да ги исполни за да стане членка на ЕУ.

Ден порано, „Фајненшел тајмс“ објави дека најновиот американски предлог вклучува формирање на заеднички инвестиционен фонд преку кој Вашингтон би имал контрола врз сите украински минерални ресурси – вклучувајќи нафта, гас и клучната енергетска инфраструктура. Украинските функционери се плашат дека ваков аранжман може да го наруши економскиот суверенитет на земјата.

Зеленски го нагласи својот ултиматум: „Ништо што би можело да го загрози пристапувањето на Украина во Европската унија не може да биде прифатено.“

Потпретседателката на Владата и министерка за економија, Јулија Свириденко, изјави: „Работната верзија која ја примивме основно ги одразува ставовите и пристапот на американските правни експерти. Ние моментално го формулираме нашиот одговор.“

Постојано менување на условите на договорот

Во првата верзија на договорот, која Киев претходно ја прифатил, се предвидувало дека половината од приходите од експлоатација на државните ресурси – вклучувајќи нафта, гас и логистичка инфраструктура – ќе се вложуваат во заеднички фонд кој ќе се користи за благосостојба на Украина. Меѓутоа, таа верзија не вклучуваше никакви безбедносни гаранции, што беше еден од клучните барања на Киев.

Договорот наводно требало да биде потпишан на 28 февруари, но тоа беше одложено поради несогласувања меѓу Зеленски и актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп. Трамп претходно спомна можност за искористување на украински ретки метали како некаква компензација за американската воена помош. Според проценката на Киелската фондација, вкупната вредност на таа помош од почетокот на војната изнесува околу 123 милијарди долари. Администрацијата на Трамп повторно воведе клаузула по која Украина мора да ја врати целата таа сума – што Киев одби да го признае како долг во контекст на преговорите за минералите.

Зеленски изјави дека Украина не го прифаќа ретроактивното враќање на средствата кои веќе ги примила како помош, но е подготвена да се договори за враќање на евентуална идна помош. Договорот мора да помине и преку гласање во украинскиот парламент, а клучните спорови, вклучувајќи безбедносни гаранции и зачувување на економскиот суверенитет, сè уште не се решени.

Loading