Вулкан на полуостровот Рејкјанес во Исланд еруптираше денес, исфрлајќи лава и густ чад, што предизвика итна евакуација на локалното население и на туристите. Иако засега нема директно влијание врз главниот град Рејкјавик, а аеродромскиот сообраќај се одвива нормално, експертите предупредуваат на можни нови потреси и еруптивни активности.
Според податоците од Исландскиот метеоролошки институт, должината на пукнатината достигнува 1 200 метри и се шири кон југ. Ерупцијата проби заштитни бариери во близина на рибарскиот град Гриндавик, каде што жителите повторно беа принудени на евакуација, иако нивните домови останаа напуштени повеќе од една година по претходните вулкански активности.
Исланд, познат како „земја на огнот и мразот“, сè почесто сведочи на геолошки активности, откако во 2021 година започнаа повторни ерупции во регионот по пауза од 800 години. Последната катастрофална вулканска ерупција беше во 2010 година, кога Ејафјалајокул исфрли огромни количества пепел, што доведе до хаос во воздушниот сообраќај.
Освен вулканската активност, Исланд во текот на денот беше погоден и од два посилни земјотреси со јачина од 5,2 и 5,3 степени според Рихтеровата скала, со епицентри на југозапад од Рејкјавик. Геолозите продолжуваат внимателно да ја следат состојбата, бидејќи оваа серија на земјотреси може да укаже на нови промени во геолошката стабилност на регионот.
![]()

