Американскиот демократски сенатор Кори Букер го урна рекордот во Сенатот на САД, држејќи говор подолг од 25 часа против политиките на претседателот Доналд Трамп.
Педесет и петгодишниот сенатор од Њу Џерси го започна својот говор завчера навечер и ја заврши по 25 часа и пет минути, надминувајќи го претходниот рекорд од 24 часа и 19 минути, што предизвика аплауз во салата.
Според правилата на Конгресот, сенаторот може да зборува неограничено време, а за време на говорот мора да стои и да зема минимални паузи.
Претходно, најдолгиот говор во историјата на Сенатот го држеше сенаторот Стром Турмонд во 1957 година, кога зборуваше 24 часа и 18 минути во обид да го блокира донесувањето на Законот за граѓански права.
Букер изјави дека ќе продолжи да зборува „додека го држи телото“, со цел да го привлече вниманието кон, како што рече, „длабоката политичка и општествена криза“.
„Во само 71 ден, американскиот претседател нанесе огромна штета на безбедноста на Американците, финансиската стабилност и темелите на нашата демократија“, рече Букер.
Тој остро ги осуди предлозите за кратење на програмата Medicaid, имиграциските политики, социјалната заштита, како и планираните реформи кои произлегуваат од соработката меѓу администрацијата на Трамп и Илон Маск.
„Јас сум тука за народот. За оние чие здравствено осигурување е загрозено, за работничката класа, за основните права. И нема да молчам“, порача Букер.
![]()

