Стотици илјади работни места во Франција се загрозени поради најавените мерки на Трамп

Претседателот на Медеф, водечката француска организација на работодавачи, Патрик Мартен оцени дека „стотици илјади работни места“ во Франција се потенцијално загрозени поради царинските мерки што ги најави Доналд Трамп, но изрази надеж дека американскиот претседател ќе биде „разубеден“ од нивната примена.

Зголемувањето на царините ќе влијае врз францускиот бруто-домашен производ (БДП), ќе загрози стотици илјади работни места и ќе предизвика преселување на цели производствени синџири, особено во аеронаутичката и автомобилската индустрија, рече Мартен.

„Овие мерки, доколку се спроведат, ќе бидат исклучително нарушувачки за Франција и Европа и ќе бараат силни реакции“, изјави Мартен по состанокот во Елисејската палата со претседателот на Франција, Емануел Макрон, неколку министри и претставници од повеќе стопански сектори.

Тој оцени дека Франција треба да биде „многу цврста и многу прагматична“ и додаде дека е неопходно да се разувери администрацијата на Трамп, колку што е тоа можно.

САД се четвртиот најголем извозен пазар за Франција, по Германија, Италија и Белгија.

Меѓу најзагрозените сектори се аеронаутиката, со извоз од девет милијарди евра во 2024 година, што претставува една петтина од францускиот извоз во САД, потоа луксузната стока и жестоките пијалаци, особено коњакот.

Loading