Јапонската влада издаде итно предупредување поради потенцијалниот мегаземјотрес што се очекува во наредните децении, а кој би можел да предизвика катастрофални последици за земјата и регионот.
Според проценките на сеизмолозите, постои 80 отсто веројатност дека во следните 30 години ќе се случи земјотрес со јачина од девет степени според Рихтеровата скала во долината Нанкаи, кај пацифичкиот брег на Јапонија. Владините анализи укажуваат дека, доколку дојде до вакво сценарио, животот би можеле да го загубат дури 300.000 луѓе.
Од вкупниот број на потенцијални жртви, се предвидува дека околу 215.000 би настрадале поради цунами со бранови повисоки од 30 метри, што би го зафатиле брегот. Дополнително, би биле уништени повеќе од 2,3 милиони згради поради урнување, поплави или пожари, а околу 12,3 милиони луѓе ќе морале да ја напуштат својата околина – што е еквивалентно на 10% од населението на земјата.
Долината Нанкаи претставува подводен океански ров каде што се судираат две тектонски плочи – Филипинската морска плоча и Евроазиската плоча. Во оваа зона мегаземјотреси се случуваат секои 100 до 200 години. Последното силно предупредување од властите беше издадено откако во 2023 година, југозападниот дел на Јапонија беше погоден од земјотрес со јачина од 7,1 степен.
Сега, Владата ја ажурираше својата проценка на ризик за првпат од 2013 година, земајќи ги предвид најновите симулации и модели на можни катастрофални сценарија. Иако во последната деценија се засилени градежните стандарди и заштитата од поплави, студијата покажува дека тоа само минимално го намалило бројот на потенцијални жртви.
Во случај на мегаземјотрес, дури 10 од 47 префектури ќе почувствуваат највисоко ниво на потреси – степен 7 на јапонската скала за интензитет. Уште 24 префектури ќе доживеат потреси со јачина од 6 степени.
Иако се очекува дека околу 73.000 луѓе би настрадале поради урнување на згради, најсмртоносната опасност би била цунамито, кое може да ги погоди дури и густо населените делови како Токио. Се предвидува дека во само две минути од потресот, бранови високи до 10 метри ќе стигнат до 13 префектури, меѓу кои и главниот град.
Градовите Курушио и Тосашимизу во префектурата Кочи би биле погодени од бранови високи и до 34 метри.
Најлошото сценарио предвидува дека земјотресот ќе се случи во зима, среде ноќ, кога повеќето жители би биле дома и неподготвени за брза евакуација – што драматично го зголемува ризикот од човечки загуби.
Јапонија се наоѓа на таканаречениот Пацифички огнен прстен – најактивната сеизмичка зона во светот каде што се случуваат над 80% од сите големи светски земјотреси. Тоа ја прави оваа земја особено ранлива на природни катастрофи како земјотреси, цунами и вулкански ерупции.
Со се поголем ризик од нов мегаземјотрес, јапонската влада се наоѓа пред предизвик да обезбеди подобра подготовка, предупредување и евакуација, за да се намали бројот на жртви кога природата повторно ќе се разбесни.
![]()

